Центарот за странски јазици е првото училиште за странски јазици во Македонија. Зошто 70 години подоцна уште го носи епитетот број 1 - прочитајте во интервјуто со Фанија Смичковска, директор на Центарот и Весна Петровска, директор за настава.
Центарот за странски јазици 70 години заслужено го носи епитетот – број 1 училиште за странски јазици во Македонија. Што ги одбележа последниве 10 години?
Фанија - Секој период од постоењето на Центарот за странски јазици има свои особености и е исполнет со многу активности, но и предизвици. Ако ги издвоиме последните 10 години, можеме да се пофалиме со неколку успешно завршени проекти на ниво на целата држава, учество во проект на Еразмус за обука на наши професори и несомнено најголемиот наш успех, добивање на акредитација за испитите ИЕЛТС, АПТИС и АЦЦА на Британскиот совет. Секако би го вклучила и периодот на пандемијата кога успешно се справивме со новиот начин на држење настава онлајн и сега тој претставува дел од нашето редовно работење и понуда. Сепак она што најмногу ни значи како училиште е нашата основна дејност, а тоа е работата со нашите слушатели, децата, младинците и возрасните. Затоа би сакала да истакнам дека и последните 10 години вложуваме напори да го одржиме квалитетот и со истиот професионален пристап и посветеност да им го пренесеме знаењето на нашите слушатели како и години пред тоа.
Колку генерации пораснавте? По што се разликуваат Милениумците и GEN Z како ученици?
Фанија - Имав среќа да бидам дел од ова училиште повеќе од 30 години, поголем дел како професор, тоа се многу генерации што учеле и ми донеле многу убави моменти, особено кога успешно ги завршиле сите степени и се стекнале со меѓународен сертификат. Најдобар одговор на второто прашање можат да дадат професорите што тековно работат со учениците на таа возраст, моето кусо искуство пред да ги преземам новите обврски е дека технологијата има големо влијание врз новите генерации и кај нив се забележува потреба брзо да ги добијат потребните информации и секогаш да има некоја нова активност за да им се задржи вниманието. Ние како училиште постојано се стремиме да ги следиме сите технолошки новини поврзани со наставата за да одговориме на очекувањата на новите генерации, па дури и ако тоа значи и користење на ВИ, дали во подготовка на некои задачи или пак за проверка на состави напишани од учениците.
Имавте среќа да бидете дел од успешната приказна на Центарот. Со што најмногу се гордеете?
Фанија - Се гордеам што успеавме да опстоиме 70 години и да се одржиме и во периодот кога се отворија многу нови училишта за странски јазици. Најмногу се гордеам кога ни се обраќаат клиенти и кога ќе кажат дека сме вистинското место да се научи странски јазик и дека сме ги задржале високите стандарди во наставата. А она што најмногу ме исполнува е кога слушателите што учеле пред многу години си ги запишуваат своите деца, а некои од нив и своите внуци. Тоа значи дека ја имаме довербата кај слушателите и тоа ни е поттик да продолжиме да работиме во нивен интерес.
Иднината доаѓа со брзи чекори, како го гледате Центарот во наредните 5 или 10 години?
Фанија - Центарот има различна динамика и се прилагодува на новите времиња и трендови во наставата по странски јазици. И сега се забележува разлика во однос на барањата на нашите клиенти. Индивидуалната настава е во подем, сé повеќе ја одбираат оваа опција заради презафатеност и заради потреба да го добијат потребното знаење побрзо со целосна посветеност кон нивните барања. Да не ги заборавам и компаниите кои ни пристапуваат со барање за организирање курсеви за нивните вработени. Меѓу нив има и голем број ИТ компании кои сакаат да го кренат нивото на јазикот на своите вработени. Со помош на онлајн наставата стануваме поблиски до слушателите од други градови, па и од странство. Во следните 5 до 10 години, освен основната база на слушатели, а тоа се децата, младинците и возрасните, очекувам Центарот да се развива и во насоките што ги споменав, индивидуална настава, работа со компании и зголемен број онлајн часови. Како акредитиран центар на Британскиот совет, сметам дека во следниот период Центарот ќе се зацврсти како партнер од доверба и ќе биде првото место каде сите што имаат потреба за меѓународен сертификат ќе се обратат.
Децата кои изучуваат странски јазик во Центарот често се издвојуваат по нивото на стекнато знаење. Што ја прави програмата во Центарот поинаква?
Весна - Програмата во Центарот се издвојува по неколку важни аспекти кои значително придонесуваат за високото ниво на познавање на странскиот јазик кај децата. Пред сѐ, методологијата која ја користиме е интерактивна и практична, а во фокусот е примената на јазикот во реални ситуации, учеството во дискусии, игри, проекти, што ги мотивира учениците да комуницираат и да размислуваат на странскиот јазик кој го изучуваат. Професорите користат иновативни техники и ги адаптираат содржините според потребите и интересите на децата, што ја зголемува нивната ангажираност и го прави учењето пријатно. Средината во која децата учат е поддржувачка и позитивна. Веруваме дека учењето на јазикот треба да биде забавно, па затоа организираме разни активности кои помагаат во социјализацијата на децата и нивното активно учество.
Центарот постојано е во чекор со новитетите во наставата и развојот на технологијата, па професорите вклучуваат онлајн платформи и алатки за да им овозможат на учениците дополнително да ги зајакнат своите вештини и да се подготват за различни ситуации во реалниот живот.
Како еден од најважните аспекти при изучувањето странски јазик би го издвоила индивидуалниот пристап и следењето на напредокот на секое дете. Професорите ги земаат предвид различните начини на учење и различните интереси што децата ги имаат и секогаш ја пружаат потребната поддршка за да се олесни процесот на учење.
Сите овие аспекти придонесуваат кон успех и самоувереност во комуникацијата на јазик кој не е мајчин.
Вештачката интелигенција нема да ги замени луѓето – ќе ги замени оние кои не знаат да ја користат. Кои се придобивките од ВИ при изучување на странски јазик?
Весна - Како училиште кое редовно го следи развојот на технологијата и секогаш е во чекор со новите трендови, свесни сме за промените во навиките и интересите на новите генерации. Вештачката интелигенција може да биде многу корисна во процесот на учење странски јазик, но не треба да се гледа како замена за стандардните, интерактивни методи на учење кои ги практикуваме во нашето училиште.
За почетниците во изучувањето странски јазик, ВИ може да помогне со изучување фрази и граматика, но потребно е да се нагласи дека учењето јазик е многу повеќе од само механичко памтење на зборови и правила. ВИ не може во целост да го пренесе културолошкиот контекст и социјалните норми. За ученици кои веќе имаат некои основни знаења, ВИ може да понуди персонализирани вежби и да симулира разговори со виртуелни партнери, што секако е од голема помош заради можноста да се користи јазикот и да се развиваат комуникациските вештини на немајчин јазик.
Сепак, ВИ не треба да биде единствениот извор на учење странски јазик. Интеракцијата со наставниците и соучениците и понатаму останува неопходна за развивање на комуникациските вештини и за подобрување на разбирањето на јазикот во реални ситуации. ВИ може да биде сојузник во учењето, но секако успехот на секој ученик ќе зависи од комбинирањето различни методи и ресурси.