Центарот за странски јазици стана дел од европската програма Еразмус+, водена од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Ова лето наши професори престојуваа во Малта и посетуваа курсеви организирани од ETI (Executive Training Institute), реномирана институција акредитирана од повеќе релевантни организации, меѓу кои и водечкиот бренд за квалитет во наставата по англиски јазик - Quality English. Обуките ги презентираа најсовремените трендови во методиката на настава за странски јазици. Сите искуства со задоволство ќе бидат пренесени и применети во пракса во нашите училници
Центарот за странски јазици – Скопје во април 2019 г. беше домаќин на проф. Ана Јанжекович од Словенија во рамките на програмата Ерамзус+. Таа е професор по англиски јазик во Центарот за образование за возрасни во Ормож (Ljudska Univerza Ormož), како и организатор на секторот за образование во истата институција. Нејзината посета претставува една од првите реализирани Erasmus+ Job shadowing активности во oбразованието за возрасни во Македонија.
Нашата колешка Јанжекович следеше како се изведува наставата за возрасни во Центарот за странски јазици - Скопје, пред сè во групите по англиски јазик, но на нејзина иницијатива, и по други странски јазици: германски и македонски за странци. Таа присуствуваше и на часовите по словенечки јазик, каде и самата учествуваше во наставата како роден говорител на истиот, што претставува одлично искуство за нашите ученици кои комуницираа со неа.
Среќни сме што на Ана ѝ се допадна како се работи во нашето училиште. Според неа, методиката на настава во Центарот за странски јазици е на високо ниво и наставата се изведува многу професионално, со вклучување на сите актуелни методи во истата. Токму затоа беше разговарано и за понатамошна соработка и поголеми заеднички проекти и стратешки партнерства од Еразмус+.